Аналза на „Призма“: Еве зошто Грујевски доби „толку мала“ казна затвор


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


После бурните реакции кои ја разбрануваа македонската јавност за висината на казната затвор која ја доби бившиот началникот на УБК, Горан Грујевски, а која изнесува 1,5 години зад решетки за случајот „Тврдина 2“ кој го опфаќа уништувањето на документацијата и списите за нелегалното прислушување, случајот се споредува со други осудителни пресуди, како што е пресудата од три години затвор за велешанецот кој украде 150 кебапчиња, а реакциите се споделуваат со многу гнев кон „сваровски судиите“.

„Пресудата е срамна. Првично, судот требаше да го земе предвид фактот дека лицето се наоѓаше во бегство и дека му се суди во отсуство. Точно е дека СЈО треба е задоволно од одлуката, но сепак ова е голем минус за правната држава“, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Грујевски за „Тврдина 2“ не можел да добие повисока казна од 2 години

Иако во Кривичниот законик стои дека делото за кое се товареше Грујевски, за фалсификување службена исправа, максималната казна е 5 години затвор, во случајов предвид било земено тоа што екс-началникот на УБК досега не бил осудуван, што според Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, го става на прво, најниско ниво. Понатаму, во идните евентуални осудителни пресуди, ова ниво ќе се зголемува при одредувањето на казните, тврдат за БИРН правни експерти.

„При бодувањето за овој случај, од старт самиот закон ограничува дека сторителот, ако не е сторител на други кривични дела, максимум што може да добие е казна затвор од 24 месеци. Станува збор за проста математика со која се прават пресметките. Оттаму, сите негодувања и изливи на бес треба да одат во правец на овој закон, на негово укинување за да не ни се повторуваат слични случаи“, вели Натали Петровска од Коалицијата за правично судење.

За „Тврдина и Таргет“ и „Трезор“, најниската казна за Грујевски би била 5 години

Она што останува како факт е дека поранешниот началник на УБК, доколку биде осуден за останатите случаи за кои се товари, се соочува со минимална казна од 5 години до максимална казна од 20 години затвор за останатите дела за кои е обвинет.

Случајот „Тврдина 2“ е всушност „најблагиот“ случај за кој се сомничеше Грујевски. Тој треба да одговара за многу посериозни кривични дела во случаите „Таргет и Тврдина“ и „Трезор“ – злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување.

За случајот „Тврдина и Таргет“, тој е обвинет и по став каде што минималната затворска казна изнесува 5 години. И за случајот „Трезор“, Грујевски е обвинет по член 353 став 5 кој гласи:

„Ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

Оттаму, може да се заклучи дека најниската можна казна која Грујевски може да ја добие доколку е осуден за случаите „Таргет и Тврдина“ е 5 години, исто како и за случајот „Трезор“, само за злоупотреба на службената положба. Тој се товари и за злосторничко здружување, каде што максималната затворска казна изнесува 5 години.

Ако биде осуден за сите овие дела, вкупната казна не може да ја надминува максималната предвидена казна. Неговата одбрана може да бара изрекување на единствена казна, односно сите казни поединечно да се намалат и да се соединат во една.

Инаку случајот „Таргет и Тврдина“ се однесуваат на нелегалното прислушување на илјадници граѓани и уништувањето на опремата за прислушување, додека случајот „Трезор“ се однесува на сомнителната набавка на опрема за следење на комуникации. Случајот „Тврдина 2“, пак, за кој денеска беше осуден Грујевски, се однесува на уништувањето на документацијата и списите за нелегалното прислушување.

Извор: Призма

Автор на текстот: Мери Јордановска