Колумна: „Да, Премиеру!“ или колку сме ние блиску или далеку од цивилизираниот свет?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Деновиве по сила на околностите имав прилика целосно да уживам во старата британска серија „Да, Министре“ односно нејзиниот продолжеток „Да, Премиеру“ од 80-те години на минатиот век со неповторливите Најџел Хоторн, Пол Едингтон и Дерек Фоулдс.

Веројатно од повозрасните голем дел ја гледале кога се прикажувала на ТВ екраните и кај нас, а за оние што немале можност накратко да појаснам: Во серијата главни ликови се Џим Хакер кој од уредник на опозициски весник станува министер за административни работи, а потоа и премиер, сер Хемфри Аплби кој е постојан секретар во министерството, а потоа и во премиерскиот кабинет и Бернард Вули кој му е приватен секретар на Хакер.

24.04yesmin2Низ серијалот (3 сезони од „Да Министре“ и уште 2 од „Да Премиеру“) на екстра комичен начин е прикажан антагонизмот исполнет со постојани меѓусебни подметнувања, сопки, блокирања на политичарите (Хакер) од една страна и државната професионална администрација (сер Хемфри) од друга, кои инаку (треба да) се најблиски соработници и кои скоро секогаш на крај успеваат да се договорат меѓусебе, се разбира обично на сметка на интересите на граѓаните.

Она што ми остави посебен впечаток е низ колку луциден, а истовремено суптилен начин се прикажани сите лоши страни на политичкиот живот во развиениот свет – од страшната бирократија, корупција, влијание врз медиуми, судство (звучи познато?), до продавање оружје на терористи, злоупотреба на моќта и тн.

Всушност, скоро секоја епизода обработува по една тема од општествено-политичкиот живот во Британија (одбрана, финансии, дипломатија, меѓупартиски поделби, прислушкување, медиуми, судство, субвенции, здравство, образование, транспорт, екологија и тн.) често алудирајќи на проблемите кои ги создава неспособната и трома бирократија.

24.04yesmin3
Сето тоа така прекрасно изведено, со екстра комични забелешки, коментари и дијалози што претставува магнет за британската, а потоа и за светската публика. Имено, во серијата во ниеден момент не се кажува од која партија е Хакер (Ториевци или Лабуристи), што овозможува критиката да биде насочена истовремено кон политичарите и администрацијата воопшто, без да се претвори тоа во обично меѓупартиско препукување.

Гледајќи ја, повеќепати се запрашав колку нашето општество е слично или различно со британското (во 80-те години од минатиот век), односно колку сме ние блиску или далеку од цивилизираниот свет. Иако темите кои го мачат обичниот граѓанин и политичар се слични, сепак лесно може да се дојде до заклучок дека разликите, трагично, се повеќе од евидентни, а како еден од показателите, меѓу другото може да ни служи што таму успеале да создадат таков неверојатно комичен популарен серијал, а кај нас синоним за популарност се сапуници (моментално турски нели). Сепак, ние живееме на Балканот, а нашето општество за жал е страшно партизирано и диференцирано, поделено по секоја можна основа и работите што во развиениот свет се прават на суптилен начин, кај нас се спроведуваат на, ќе го употребам зборот, безмилосно варварски.

Дознав дека една од најголемите обожавателки на оваа серија е и тогашната британска премиерка, „Челичната лејди“ Маргарет Тачер, која дури при доделувањето на една награда за серијата ги замолила главните актери да одиграат краток скеч заедно со неа, кој го напишала лично таа.

Замислете кај нас било кој сегашен или екс премиер кој би напишал скеч и притоа лично би сакал да учествува во него, за серија која на перфиден начин се зафркава со државната администрација и политичарите воопшто и со нивната желба целосно да го контролираат животот на луѓето. Ќе се согласите дека реалноста во која живееме ни оневозможува да имаме толку бујна имагинација.

24.04yesmin4
Серијата чии автори се Ентони Џеј и Џонатан Лин која има добиено три БАФТА награди е прогласена меѓу најдобрите 10 британски ситкоми на сите времиња и според критичарите има толкаво влијание за развојот на свеста кај луѓето околу улогата на државата и нејзината тенденција да го контролира целиот живот на луѓето колку и неверојатното дело на Џорџ Орвел „1984г“. Се претпоставува и дека зборот „спин“ влегол во општа употреба благодарение на оваа серија која моментално се репризира на ХРТ1.

Во 2013 е снимена нова сезона како продолжеток на серијалот, но за жал со нови актери (Најџел Хоторн и Пол Едингтон се починати, а Дерек Фолдс е во неговата длабока старост), но според критиката, е далеку од оригиналната постава.

Пишува: Костадин Стојаноски, главен уредник на Таратур