54 години од стравичниот земјотрес во Скопје


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 26 јули 1963 година во 05:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала (MCS), односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 километри. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 150.000 квадратни километри, најсилно низ долината на реката Вардар (5 до 6 степени), но и низ цела Македонија (4 до 5 степени), па и во соседните држави. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани. Штетата од земјотресот е проценета на 15 насто од БДП на цела Југославија за таа година или во денешна вредност помеѓу 3 и 5 милијарди долари, односно повеќе од целиот годишен буџет на Република Македонија, пишува доктор Ивица Милевски.

Покрај наведените огромни штети, земјотресот сепак бил од локален карактер, а се смета дека неговиот епицентар бил кај населбата Злокуќани. Иако според магнитудата од 6,1 степени спаѓа во групата на земјотреси со средна јачина (Пехчевскиот и Валандовскиот биле значително посилни со 7,2 и 6,9 степени магнитуда), жариштето (хипоцентарот) било плитко, што придонело за катастрофалниот ефект, големите штети и бројните жртви. Интензитетот на земјотресот се движел помеѓу 5 и 6 степени според MCS во најмалку погодените делови од градот, па сe до 10 степени каде што имало тотални уривања (околу плоштадот Слобода и во Kарпош). Друга причина за големите разурнувања е и тоа што тогаш ниту една од зградите не била сеизмички проектирана. Масовно биле урнати, пред се објектите со ѕидови од тула – пишува Милевски.

По земјотресот градот почнал да се гради според модерните проекти на јапонецот Кензо Танге и на Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.