1,7 милиони евра ќе чини спроведувањето на законот за јазици


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Министерството за правда и Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор го објавија официјалниот текст на предлогот на законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура за усвојување. Велат дека тоа го сториле со оглед на принципите утврдени од Владата за транспарентно владеење и отчетност до граѓаните.

За спроведување на Предлог – законот, како што стои во него, ќе бидат потребни дополнителни средства од Буџетот на Република Македонија, поврзани со основањето на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 насто од граѓаните на Република Македонија, но и материјални обврски за други субјекти.

За функционирање на новите институции во првата година се проценува дека ќе требаат 16 милиони денари кои ќе се обезбедат од буџетот за 2018 година. Дополнително ќе треба да се обезбедат 90 милиони денари од буџетот кои ќе се распределат на различни буџетски корисници за спроведување на законот. Или вкупно 106 милиони денари или 1,7 милиони евра.

Што се однесува до вработувањата во новите институции, со Предлог-законот се предвидува дел да се реализираат со преземање од други државни институции, пред сѐ од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

По усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија, тој ќе биде доставен на мислење од Венециската комисија заедно со спорните одредби кои се однесуваат на употребата на албанскиот јазик на монети и на хартии од вредност, како и на униформата на Армијата и полицијата.

Целта е да се види дали тоа е во согласност со Уставот на Република Македонија. Доколку од Венецијанската комисија се добие позитивно мислење, како што изјави вицепремиерот Бујар Османи трите точки дополнително ќе бидат вклопени во законот.

Во рамките на Министерството за правда, ќе се формира државен инспекторат кој ќе го надгледува спроведувањето на законските норми за употребата на јазиците. За институциите кои нема да го спроведуваат законот се предвидуваат казни до 5 илјади евра.

Инаку, судовите и јавните обвинителства се дел од институциите кои најмногу ќе треба да работат за да се прилагодат на новите одредби од Предлог-законот за употреба на јазиците. За разлика од претходно, кога право на употреба на друг јазик освен македонскиот беше резервирано само за осомничените, приватните тужители и сведоците, сега се предвидува тоа право и за судиите и за обвинителите.